Принцовите Вилијам и Хари се степале поради Меган Маркл

Принцот Хари тврди дека неговиот брат, принцот Вилијам физички го нападнал, објави англискиот весник „Гардијан“, кој добил увид во неговите нови мемоари.

Весникот тврди дека во книгата е опишана расправија помеѓу браќата поради сопругата на Хари, Меган Маркл.

„Ме фати за јаката, ми го скина ланчето и ме собори на под“, пренесува „Гардијан“ наводи од книгата.

Мемоарите на Хари ќе бидат објавени во вторник, но „Гардијан“ вели дека успеал да дојде до еден примерок.

Од Бакингамската палата досега не се огласија за овие тврдења.

Во книгата се објаснува дека расправијата била предизвикана од коментарите што Вилијам му ги упатил на Хари во неговиот лондонски дом во 2019 година. Хари пишува дека Вилијам го критикувал неговиот брак со Меган, опишувајќи ја како тешка, груба и бесчувствителна, по што нивната расправија ескалирала.

„Ја спушти чашата со вода, ме нарече со друго име, а потоа дојде до мене. Сè се случи многу брзо. Ме фати за јаката, ми го скина ланчето и ме собори на под. Паднав на садот за кучето, кој се скрши под мојот грб. Лежев зашеметен, а потоа станав и му реков да излезе“, се вели во книгата.

Според она што го пренесе „Гардијан“, Вилијам барал од Хари да му возврати, но тој одбил. Вилијам подоцна изразил жалење и се извинил за своето однесување.

Издавачот „Пингвин рендом хаус“ досега не потврдил дали овие наводи се точни.