Признание на Петков – внатрешната политика ја водел кон укинување на ветото

Бугарската агенција „БГНЕС“ пренесува дека премиерот на Бугарија – Кирил Петков признава дека се подготвува да го укине бугарското вето за почеток на преговорите за членство во ЕУ на Македонија.

Петков вчера во интервју за „бТВ“ рече дека долго време ја оставил министерката за надворешни работи Генчовска и нејзиниот тим „сами да ги поместуваат работите со Северна Македонија“.

Во исто време, тој со ентузијазам го изрази својот оптимизам за резултатите што ги постигнаа Генчовска и нејзиниот тим минатата недела, опишувајќи ги како „голем напредок“.

На прашање која е неговата цел пред еден месец да побара од претседателот да свика Консултативниот совет за национална безбедност, тој рече дека сака да ги информира другите партии за новите предлози, кои се идентични со она што тимот на Генчовска досега го има постигнато.

Се поставува прашањето дали предлозите што ги подготвил Кирил Петков и неговиот тим биле „сугерирани“ од заинтересирани надворешни фактори, на преговарачкиот тим на МНР.

„Повлекувањето“ на Петков од темата е само привидно и манипулативно, со јасна цел да се остави впечаток дека компромисот дошол од самите дипломати. Кирил Петков навести и дека компромисот што се подготвува ќе биде „невиден успех“ за Бугарија, бидејќи вклучувањето на Бугарите во уставот на РСМ ќе се случи пред првата меѓувладина конференција на ЕУ за Македонија (што е вистински почеток на преговорите) и дека тоа би го гарантирала Европа. Ова е всушност потврда на веќе напишаното од „БГНЕС“ во минатата недела дека подготвениот договор пред бугарското општество ќе биде претставен како огромна победа и целосно преклопување на условите за симнување на ветото од претходната позиција. Ова, се разбира, не е точно“ велат од бугарската агенција.

Сегашната бугарска позиција е целосно заснована на многу јасно опишани услови и фази во Рамковната позиција на Бугарија од октомври 2019 година, поддржана со декларација на Националното собрание и два Консултативни совети за национална безбедност под претседателот.