Призма: Имотот на ВМРО ДПМНЕ „тежи“ 25,2 милиони евра,на СДСМ 2,7 и на ДУИ околу 2 милиони евра

„Вила Света Софија“ ВМРО-ДПМНЕ ја издава „без пари“

Секој што го посетил Охрид и прошетал низ старото градско јадро, сигурно го забележал објектот изграден во духот на традиционалната охридска архитектура, на чија фасада е закачен натпис на кој пишува „Вила Света Софија“. Името не е случајно зашто туристичкиот објект е сместен наспроти познатата и историски значајна црква „Света Софија“, на една од попривлечните локации во градот.

Малкумина, пак, знаат дека објектот е во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ уште од деведесеттите години. Станува збор за единствениот имот што партијата го издава под наем, но според она што самата партија ни го соопшти, во последниве неколку години таа не наплаќа кирија за оваа услуга.

Одговорот на прашањето зошто ВМРО-ДПМНЕ не остварува финансиска корист од издавањето на објектот, според самата партија, се наоѓа во договорот за закуп.

„Со оглед дека во конкретниот период, вложувањата се пресметуваат како компензација со закупнината, не е остварен паричен приход од закуп што би се евидентирал како приход во завршната сметка“, велат од Белата палата.

Како што истражи БИРН, договорот на партијата за закуп со физичко лице, со охриѓанецот Кирил Луканов предвидува опција за компензација, што практично значи дека закупецот, наместо да плаќа кирија, парите ги вложува директно во туристичкиот објект.

Меѓутоа, токму овој аранжман отвора дилеми дали се заобиколуваат стандардните механизми за контрола и транспарентност на партиските финансии.

До сознанијата за „Вила Света Софија“ дојдовме анализирајќи ги сите недвижности, кои успеавме да ги пронајдеме во катастарот, во сопственост на трите најголеми и најстари партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. Владејачката структура дефинитивно е рекордер по бројот на имот, поседува 101. Зад неа е СДСМ, со вкупно 12 имоти и последна е ДУИ со пет.

Имотот на ВЛЕН не го анализиравме бидејќи партиите во коалицијата сè уште се во процес на спојување во еден политички субјект.

Во меѓувреме, со растот на цените на недвижностите, расте и вредноста на партискиот имот. Во завршните пресметки за 2024 година, СДСМ пријавил дека има имот во вредност од околу 2,7 милиони евра, ДУИ приближно 2 милиони, а ВМРО-ДПМНЕ околу 25,2 милиони евра.

Автор: Фросина Димеска и Владо Апостолов

Целото истражување ТУКА