На крајот на јануари, додека неговите платеници умираа борејќи се за опустошениот Бахмут, шефот на паравоената формација Вагнер, Евгениј Пригожин, и понуди на Украина интересна понуда. Доколку украинските команданти ги повлечат своите војници од областа околу Бахмут, тој вети дека ќе му ги даде на Киев тајните локации на руските трупи кои Украина може да ги искористи за напад. Според објавените документи од Пентагон, Пригожин тој предлог го пренел на своите контакти во украинската воена разузнавачка служба, со која одржувал тајна комуникација за време на војната.
Пригожин јавно се расправаше со руските воени команданти поради недостиг на муниција, поточно ги обвини дека не им ја доставиле потребната муниција навреме на платениците на Вагнер кои се на фронтот. Сепак, тој е и сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, кој може да ја смета контроверзната понуда на Пригожин за предавнички потег.
Протечениот документ не дава информации кои тајни локации понудил да ги открие Пригожин.
Двајца украински функционери потврдија дека Пригожин имал неколку разговори со највисоката украинска разузнавачка агенција, позната како ХУР. Еден функционер рече дека Пригожин постојано ја „одложувал“ понудата во врска со Бахмут, но дека Киев ја отфрлил, бидејќи официјалните лица не му веруваат на Пригожин – тие ги сметаат неговите предлози за неискрени. Американскиот функционер предупреди и дека во Вашингтон има исти сомнежи за понудата на Пригожин.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Вашингтон пост не сакаше да ги потврди своите контакти со Пригожин.
„Ова е разузнавачко прашање“, рече тој.
Украинскиот лидер, исто така, се спротивстави на јавното објавување на доверливи информации и рече дека верува оти протекувањето и корист само на Русија.
Но, не може да се оспори фрустрацијата на Пригожин од тешките борби во Бахмут. Тој се пожали, јавно и приватно, дека руското Министерство за одбрана не им дало на неговите борци муниција и други ресурси што им се потребни за победа.
Бахмут, во источна Украина, е центар на најкрвавите борби од почетокот на војната. Пригожин, кој вети дека ќе ја преземе контролата врз градот до 9 мај, токму на време за прославите на Денот на победата на Русија, неодамна јавно се закани дека ќе ги повлече своите сили од војната.
Други протечени документи откриваат дека претставници на руското Министерство за одбрана размислуваат како најдобро да одговорат на критиките на Пригожин за барањата за дополнителни ресурси. Документите, исто така, ја прикажуваат борбата за моќ меѓу Пригожин и највисоките функционери, вклучувајќи го и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Во таа напната средина, Пригожин продолжил со тајните односи со украинските разузнавачи кои, покрај телефонските повици, вклучувале и средби со претставници на ХУР во неоткриена африканска земја, се вели во еден документ. Познато е дека војниците на групата Вагнер обезбедуваат неколку влади на африканскиот континент.
Американските разузнавачи известуваат и дека Пригожин жали за големата загуба на своите сили и ја повикува Украина да удри уште посилно, бидејќи руското воено раководство не помага.
Според еден документ, Пригожин му рекол на украинскиот разузнавач дека руската армија се бори со резервите на муниција, па затоа ги советувал украинските сили да продолжат со нападот на границата на Крим, кој Русија незаконски го анектираше, додека моралот на руските војници бил низок.
Извештајот се однесува и на други разузнавачки служби кои истакнуваат дека Пригожин бил свесен за падот на моралот меѓу силите на Вагнер и дека некои од неговите борци одбиле наредба да се распоредат во областа Бахмут поради силните бури, бидејќи тоа би резултирало со уште повеќе жртви.
Кремљ не одговори на барањето за коментар за комуникациите на Пригожин со Украина.