Привршуваат подготовките за големата летна манифестација во Прилеп – „Пивофест“

Прилеп се подготвува за една од најголемите летни забавни манифестации во Македонија, „Пивофест 2022“ . Фестивалот по 18-ти пат ќе се одржува од 14 до 17 јули.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески денеска имаше средба со претставници на организациската структура на претстојниот „Пиво-Фест“, како и со претставници од надлежните институции и службите за безбедност.

На координативниот состанок стана збор за безбедноста на манифестацијата и начините каков ќе биде организациониот дел, вклучително и организрањето на чистотата на градот.

Фестивалот продолжува по двегодишна пауза.

-По две години пауза се надеваме дека ќе имаме успешен Пиво-Фест кој ќе ја оживее локалната економија, вели Јовчески.

Според најавената програма, Фестивалот ќе понуди дегустација на бројни видови пиво и скара, а сите фестивалски вечери ќе настапат бројни изведувачи. На првиот ден најавени се да настапат: Елена Петреска, „Балканика“, Нино Величковски, Ален Хасановиќ, на втората вечер: Игор Џамбазов – Гуру Харе, Нокаут, Брас Брадрс, Ареа, во сабота на 16 на големата сцена посетителите ќе ги забавуваат: Хари Мата Хари, Ламбе Алабакоски, Лозано, Некс Тајм, Владо Јаневски, а на 17 јули, последната вечер: Четкар, Миле Кузманоски, Елена Велеска, Меморија.

Ќе има и многу изведувачи на алтернативната сцена.

Се очекуваат голем број гости и посетители од земјава и од странство.