
Ноќеска, еден час по полноќ, во селото Марино, општина Илинден, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „Хјундаи Тусон“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од пратеникот на Левица, Сашко Јанчев (36) од Гевгелија, и мопед управуван од 16-годишник од село Идризово.
Според МВР, во несреќата тешко повредени се малолетниот возач и неговата 13-годишна сопатничка од населбата Илинден. Тие се пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Телесни повреди добиле и возачот Јанчев, како и неговиот сопатник Х.М. (25) од Вевчани, кои биле прегледани во ГОБ „Св. Наум Охридски“.
„Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје, а околу 04:00 часот по наредба на јавен обвинител, возачот С.Ј. е лишен од слобода и приведен во полициска станица поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на безбедноста на сообраќајот“ по член 297 и „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ по член 300 од Кривичниот законик. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава“, велат од МВР.
Од Левица остро реагираа на, како што ги нарекоа, „дезинформациите пласирани од куртонски медиуми“. Партијата тврди дека несреќата се случила поради удар на нерегистриран и неисправен моторцикл, управуван од малолетник без возачка дозвола и без заштитна кацига.
„Пратеникот Јанчев управувал совесно, со пропишана брзина и со вклучен жмигавец за вртење десно. Несреќата се случила за миг и практично не можела да се избегне. Јанчев веднаш повикал полиција и Брза помош, која пристигнала по околу 40 минути“, наведуваат од Левица.
Од таму додаваат дека пратеникот и неговиот сопатник се здобиле со повреди, но посочуваат дека најтешко повреден останува малолетниот возач на моторциклот, кому му посакуваат закрепнување.
„Стоиме на располагање за секаква помош и апелираме младите да бидат одговорни учесници во сообраќајот. Очекуваме институциите да ја завршат својата работа чесно и професионално, без притисоци и политички конструкции“, соопштија од партијата.
Левица најави дека ќе чека на официјалното вештачење и заклучоци од истрагата на Обвинителството и ќе продолжи транспарентно да ја информира јавноста.