Денеска напладне во близина на ТЦ Рамстор во центарот на Скопје 57-годишен маж вербално ѝ се заканувал на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.
Мажот е од Богданци и е приведен.
„Полициски службеници од Полициската станица Центар денеска во 14 часот го лишиле од слобода В.П.Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите: ‘Ќе одговараш, страшно ќе одговараш’. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик“, соопштија од МВР.
Од Уставниот суд потврдуваат дека претседателката на Судот Кацарска го пријавила во полиција вербалниот напад и загрозување на сигурноста, а изјави пред полицијата дале и неколку сведоци.
Претходно, на 15 мај во подземна гаража на зграда во Центар пронајдени се импровизиран кревет и кујнски нож на гражаното место на Кацарска.
За овој случај известен беше јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.