
Албанското знаме не е повеќе на јарболот во дворот на црквата „Св. Наум Охридски“ на Попова Шапка, а црковното знаме ќе биде вратено во секој миг, најави претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов, откако вчера две маскирани лица го симнале знамето на МПЦ и го поставиле албанското.
Како што објави Ангелов на социјалните мрежи, лицето кое го симна знамето на МПЦ е приведено.
Според него, брзата реакција на институциите, но и јавниот притисок можат да ги намалат провокациите кои ја потпалуваат меѓуетничката нетрпеливост.
-Провокациите никако не треба да се премолчуваат туку на нив треба жестоко да се реагира. Само така ќе се обесхрабрат идните потенцијални провокатори. Реакцијата на општеството на вакви провокации треба да биде обединета и единствена без разлика на етничка, верска, политичка или било каква друга припадност. Верувам дека мнозинството Албанци го осудуваат овој варварски чин на сквернавење на црковното знаме. Единствено не видов претставник на албанските политички фактори во Македонија да излезе со јавна осуда на овој чин, а треба – порача Ангелов, повикувајќи го лидерот на ДУИ Али Ахмети јавно да го осуди овој провокативен вандалски чин.
„Полициски службеници на СВР Тетово вчеравечер околу 23.30 часот, по преземени оперативни мерки, го идентификувале и го лишиле од слобода 33-годишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица.
Тој се сомничи дека два часа претходно од јарболот на манастирот „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка, додека немало никој во верскиот објект, го симнал црковното знаме на МПЦ-Охридска архиепископија и на негово место го поставил знамето на Република Албанија.
По документирање на случајот против Ј.А., кој при симнувањето на црковното знаме бил со уште едно лице по кое се трага, ќе следува соодветен поднесок“ – информираат од МВР.