Приведени четворица во Белград осомничени за планирање немири

Најмалку четворица се приведени под сомнение за предизвикување на насилство на протестите во Белград. Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ на 9 август изјави дека полицијата во Суботица акцијата ја спровела во соработка со Безбедносно-информативната агенција (БИА) уапсила четири лица, кои се осомничени дека планирале да предизвикаат насилство и неред на протестот во Белград закажан за 10-ти август.

Станува збор за мажи на возраст од 30 до 45 годишна возраст.

„Тие планирале утре да ја нападнат полицијата и да предизвикаат насилство и неред на протестот во Белград, со кој подготвувале напад врз уставниот поредок, тоа се гледа од нивната кореспонденција Лицата ќе бидат предадени на обвинителството за понатамошно постапување“, изјавил Дачиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претходно во текот на денот, за време на обиколката на тунелот „Иришки венец“, изјави дека руските безбедносни служби предупредиле дека се очекува масовни немири.

„Да, добивме официјални информации од Руската Федерација, информации пренесени преку официјални канали. Ги добивме овие информации, се занимаваме со тоа, луѓе специјализирани за тоа се занимаваат и си ја вршат својата работа. Одговорна е и БИА. Луѓето кои се обидуваат да направат нешто со сила, тоа нема да се случи, бидејќи Србија оди напред и ништо нема да ја спречи тоа е мојата порака до сите “, рече Вучиќ.

Во градовите низ Србија со недели се одржуваат протести против ископувањето литиум, а главниот протест е закажан за сабота, 10 август, во Белград.

На тој ден истекува рокот што организаторите на протестот и го дадоа на Владата на Србија да донесе закон за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија.

Новиот бран протести доаѓа по одлуката на Владата на Србија на 16 јули да продолжи со проектот за изградба на рудник за литиум во долината Јадра, бидејќи претходно го стопираше во 2022 година.