Приведени стотици антивоени демонстранти во Русија

Повеќе од 700 луѓе се приведени во десетици градови во Русија поради протести против делумната мобилизација на руските граѓани, која денеска ја нареди рускиот лидер Владимир Путин, соопшти независната мониторинг група ОВД-Инфо, пишува Гардијан.

Стотици луѓе беа уапсени во Санкт Петербург и Москва, додека се појавија фотографии од полицијата како користи палки против демонстрантите. Инаку, московското обвинителство им се закани на учесниците на протестот со казна затвор до 15 години.

Руските антивоени групи претходно на 21 септември повикаа на улични протести низ целата земја, откако Путин нареди воена мобилизација поради неодамнешните воени загуби на земјата во Украина за време на украинската воена контраофанзива.

Русите излегоа на улични протести во градовите на истокот на земјата: Иркутск, Улан-Уде, Хабаровск, Јакутск, Томск, Новосибирск, Екатеринбург.

Навални, во видео порака снимена од затвор и објавена на социјалните мрежи од страна на неговите адвокати, рече дека Путин испраќа повеќе Руси во смрт поради неуспешната војна .

„Јасно е дека криминалната војна се влошува, се продлабочува, а Путин се обидува во неа да вклучи што повеќе луѓе“, рече Навални.