
Во тек е акција на полициски екипи по наредба на Основното јавно обвинителство Кочани во врска со постапката за пожарот во клубот „Пулс”. Според првичните информации, приведени се поранешните градоначалници на Кочани, Николчо Илиев и Ратко Димитровски и градоначалникот во оставка Љупчо Папазов.
Од Јавното обвинителство вечерва соопштија дека акцијата за приведување лица за кои постои сомнение за инволвираност ќе трае во текот на ноќта, а повеќе информации најави по завршување на акцијата во текот на утрешниот ден.
Љупчо Папазов беше на сослушување пред обвинител во ОЈО Кочани на 17 март, а Обвинителството по завршување на неговиот распит најави дека дополнително ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката.
– Извршен е распит на градоначалникот кој даде определени појаснувања и сознанија. Таквиот исказ се споредува со доказниот материјал и надлежностите на општината, по што ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката, информираа од Обвинителството по завршување на распитот на Папазов.
Николчо Илијев од редовите на СДСМ беше градоначалник од 2017 до 2021 година. Претходно прв човек на Кочани беше Ратко Димитровски од ВМРО-ДПМНЕ со два мандата (2009-2017). Љупчо Папазов од ВМРО- ДПМНЕ си поднесе оставка во понеделникот.