Приватните специјализанти вечер ќе соопштат дали ќе продолжат со генералниот штрајк што го почнаа изутрина. Нивни претставници попладнево имаа средба во Владата со министерот за здравство Илир Демири, заменик министерката за здравство Маја Манолева и проф. Ана Данева Маркова советник на премиерот за здравствени прашања, на која им било кажано дека утре по владината седница ќе има информација во писмена форма за барањето за зголемување на надоместот.
-Најглавното што беше кажано на средбата е дека утре на владина седница ќе има информација во однос на покачувањето, по што ќе добиеменекаква писмена форма за одговорот на Владата во однос на покачувањата на платите. Нивен главен аргумент е дека ова е предизборен период и во предизборен период не можеле да постапат, во смисла, да дадат покачување. Истиот одговор го добивме и за другите наши барања, дека е предизборен период. Сега ние ќе ги информираме колегите за средбата и ќе побараме мислење на групата. Вечер ќе соопштиме што е одлучено околу штрајкот, изјави д-р Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти.
Таа нагласи дека го негираат тврдењето дека штрајкот има некаков политички контекст.
– Морам да потенцирам дека имаше разговор дека сето ова, поради предизборниот период, дава политички контекст. Ние тоа остро го негираме. Приватните специјализанти не се наклонети на која било политичка опција, туку едноставно бараат решавање на нивниот проблем, како што бараат и многу години наназад. Четиристотини колеги на приватна специјализација се од различни етнички групи и така натаму, навистина не сметаме дека сите тие би биле гласачи за една политичка опција, подвлече Георгиева.
Министерот за здравство претходно денеска на прес-конференција побара трпение од приватните специјализанти најави дека по изборите ќе се избори со ребаланс на Буџетот да се обезбеди изедначување на нивните примања со примањата на вработените специјализанти во јавните здравствени установи.
На новинарско прашање за генералниот штрајк на приватните специјализанти, Демири рече дека е промотор за реализација на нивните барања и ја истакна тенденцијата за задржување на лекарите во државава.
– Ова е многу битно. Направивме компарација во претходниот заеднички разговор со нив, каква беше нивната позиција, на ваквите специјализанти, пред 2017 година и каква е сега. Има една голема разлика. Оти, до 2017 година, тие не примаа никакви примања. Не велам дека сегашните нивни примања се доволни. Јас сакам да бидат како и на специјализантите вработени во јавни здравствени институции. Но, за тоа треба буџетирање што не може сега да се оствари пред изборите, рече министерот Демири, на прес-конференцијата на која беше објавено дека ќе се воведат деветвалентни ХПВ вакцини.