
Приватните автобуски превозници од двете компании „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ денеска повторно поставија блокади на неколку главни точки во главниот град, односно на крстосниците пред ТЦ „Мавровка“, „Црвен Крст“, како и на булеварот „Илинден“ околу просториите на Град Скопје. Тие велат дека овој пат нема да ги тргнат блокадите се до исполнување на нивните барања.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека ќе има посебен режим на сообраќај кој ќе биде воспоставен на булеварот „Илинден“ и тоа од крстосницата со булеварот „Св. Климент Охридски“ до крстосницата со „8 Септември“, како и на крстосницата од улицата „11 Октомври“ и булевар „Кочо Рацин“ и крстосницата од булевар „Гоце Делчев“ и „Крсте Мисирков“, кај Судска палата.
Директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, вчера, најави можна радикализација на протестот на приватните превозници се до решавање на проблемот и исплата на долгот од страна на ЈСП „Скопје“.
Како можна опција, Јовановски го посочи штрајкот со глад, но како што рече, останува на превозниците да одлучат во која насока би се движела евентуалната радикализација на протестите.