Приватните превозници кои во петокот ги паркираа автобусите пред Град Скопје и го блокираа булеварот Илинден, ѝ понудија компромис на градоначалничката Данела Арсовска и порачаа дека се подготвени да се вратат на работа оној момент кога ќе им биде исплатен долгот,или барем дел од него.
„Доколку имаме некакви сигнали или некаков одговор и решение од целата оваа ситуација со овој наш предлог на кој инсистираме да биде прифатен, може да кажеме дека протестите ќе бидат прекинати“, изјави Ленин Јовановски од „Слобода превоз“. Во спротивно се најавува помасовна блокада в понеделник на повеќе крстосници, кај „Мавровка“ и „Црвен крст“ и целосната блокада на булевар „Илинден“.
Јовановски информираше дека на средбите со претставниците на приватните превозници разговарале за можните решенија да се извлече и Градот Скопје и граѓаните да не страдаат поради ваква криза. Тој побара Советот на Град Скопје да му одобри средства на ЈСП со што ќе се раздолжи кон приватните превозници.
„Тоа не мора да биде целиот долг, ќе го почекаме за 20 дена новиот буџет за да се раздолжи остатокот. Не бараме ништо повеќе“, рече Јовановски.
Градоначалничката Данела Арсовска не ги прими ниту денеска приватните превозници да ги сослуша нивните барања. Од Град Скопје вчера соопштија дека го прекинуваат договорот со приватните превозници од „Слобода превоз“ поради неисполнување на обврски што произлегуваат од договорот. Од Градот најавија дека од следна недела ќе биде објавен јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите приватни превозници, со цел поголема транспарентност на процесот и полесно разрешување на потенцијални проблеми.