Приватните превозници не знаат кога ќе почнат со превоз на патници, сепак – блокади нема да има

Приватните превозници и градоначалничката на град Скопје најдоа решение за превозот во градот. По четиричасовна средба, на повидок е нов договор.

„Одиме во позитивна насока и ќе се реши нашиот проблем. Ќе има реформи, ние сме јавен сервис и мора да им служиме на граѓаните на Скопје. Има простор за договор и блокади нема да има“, изјави Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници во Скопје.

Тој додава дека долгот кон нив треба да го плати Јавното сообраќајно претпријатие.

„Град Скопје нема долг кон приватните. Тој треба да го плати ЈСП. Ревизијата сè уште трае. Ни даде насоки градоначалничката Арсовска, ќе дејствуваме како што ќе нè насочуваат. Останува на нас превозниците да се реформираме и да ги слушнеме советите што ни се дадени“, додава тој.

Нема точен датум кога автобусите на приватните превозници ќе се вратат на скопските улици, но до четврток ќе имаат уште еден состанок со скопската градоначалничка.