Претставници на Јавното обвинителство и на ДКСК на работна средба за следењето на изборниот процес

Со цел ефикасна координација меѓу двете институции при следење на претстојниот изборен процес, претседателот на Комисијата за следење на евентуални нерегуларности и кривични дела поврзани со изборите, јавниот обвинител Џељаљ Бајрами и претставници на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија вчера одржаа прв работен состанок со претставниците на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) предводени од претседателката на Комисијата Татјана Димитровска.

На средбата се дискутираше за подготовките на Јавното обвинителство и на ДКСК, согласно надлежностите на секоја од двете институции, за ефикасно постапување со цел гаранција на мирен и фер изборен процес, како и санкционирање на сите оние кои евентуално би се обиделе да го нарушат.

Јавниот обвинител Бајрами го појасни составот и начинот на функционирање на Комисијата формирана во Јавното обвинителство, динамиката на постапување по предметите поврзани со изборни нерегуларности и начинот на следење на предметите оформени по пристигнати известувања на посебната електронска адреса за пријавување: izbori@jorm.mk

Претседателката на ДКСК Димитровска ги презентираше отпочнатите активности на Антикорупциската комисија во предизборниот период и воспоставената база на податоци за службени возила кои ги користат институциите како прва активност за следење на нивното користење во предизборието.

Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата ќе одржуваат директна комуникација и непосредно ќе се координираат при постапувањето по сите пријави и претставки кои се однесуваат на евентуални изборни нерегулaрности.