Претседател на ДКСК ќе се бира по локалните избори

На барањето на парламентот за мислење за натамошното водење на постапката за селекција на кандидати за нов претседател на ДКСК, оттаму посочиле дека согласно Изборниот законик и Законот за спречување на корупција и судир на интереси, ДКСК нема надлежност да дава мислења или согласности по доставените барања од државните и локалните органи во текот на изборниот процес.

Собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата на денешната седница формира Комисија за селекција на кандидати за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), откако оставка од функцијата во оваа институција неодамна поднесе првата антикорупционерка Татјана Димитровска.

Претседателот на матичната собраниска комисија Ѓорѓија Сајкоски на денешната седница информира дека формираното тело за селекција на кандидати за нов претседател на ДКСК ќе почне со работа по завршувањето на локалните избори. Тој ова го кажа читајќи го одговорот што Антикорупциската комисија го доставила до парламентот како одговор на барањето за мислење за натамошното водење на постапката.

Оттаму посочиле дека согласно Изборниот законик и Законот за спречување на корупција и судир на интереси, ДКСК нема надлежност да дава мислења или согласности по доставените барања од државните и локалните органи во текот на изборниот процес од денот на распишување на изборите.

„Согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, ДКСК нема надлежност да дава мислење, согласност по доставените барања за мислење за постапување на органите на државна и локална власт и други државни органи основани согласно со Устав и закон – фондови, агенции, дирекции, јавни претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва основани од државата и други институции основани од државата во текот на изборниот процес. ДКСК дејствувајќи превентивно дава укажување до сите засегнати страни дека од денот на донесување на одлуката за распишување на локални избори до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на Советот, односно до конституирање на Советот на општините и Градот Скопје, е потребно да се почитуваат забраните утврдени во член 8а и 8б од Изборниот законик и член 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, при што постапувањето е на одговорност на одговорните лица на субјектите. Со ова, како Комисија сакаме да укажеме на Комисијата за селекција дека нејзината работа ќе продолжи по завршување на изборите на 3 ноември“, се вели во одговорот на ДКСК што на денешната седница на матичната собраниска комисија го прочита Сајкоски.

Досегашната прва антикорупционерка Татјана Димитровска поднесе оставка на 25 јули откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинение против неа во рамки на предметот „Адитив“. Обвинета е за две кривични дела – оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.