![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2023/05/izbori-turcija-scaled-1-750x430.jpg)
Во Турција утрово се отворени првите избирачки места на изборите за 13-ти претседател на републиката и парламентот.
Како што јавија агенциите, во Истанбул и Анкара се формирани долги редици пред отворањето на гласачките места во 8 часот по локално време, а гласањето трае до 17 часот.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска се соочува со најнеизвесните избори откако дојде на власт, со обединета опозиција за прв пат по 20 години во земја со економска криза.
Ердоган (69) е решен да остане на чело на својата 85-милионска земја уште пет години. Ја смени Турција, но земјата сега е во економска криза.
Покрај Ердоган, во изборната трка влегуваат уште тројца кандидати, но се проценува дека само еден е вистински противник на актуелниот претседател, а тоа е кандидатот на сојузот на шест опозициски партии, Кемал Киличдароглу (74).
„Кемал“, како што се претставува на плакатите, доби голема поддршка од прокурдската Демократска партија на народите (ХДП), третата политичка сила во земјата.
Ако победи Киличдароглу, тој ќе стане 13-ти претседател на турската република, која оваа година слави 100-годишнина и ќе стави крај на долгогодишното владеење на Ердоган, рекордер по најдолг мандат на власт од крајот на Отоманската империја.
Турција ќе избере помеѓу продолжување на автократската практика на владеење и ветувањето за демократски пресврт со враќање на помирни односи меѓу земјата и остатокот од светот, проценува агенцијата АФП, алудирајќи на Ердоган и Киличдароглу, кои се залагаат за секуларизмот.
На гласање излегуваат 64 милиони гласачи, од кои 3,4 милиони кои веќе гласаат во странство.
Анкетите предвидуваат блиски претседателски избори, а доколку ниту еден од кандидатите не добие повеќе од 50 отсто од гласовите, на 28 мај ќе се организира втор круг.
Покрај неизвесниот исход, има уште една непозната, а тоа е ударот од силниот земјотрес на 6 февруари, во кој загинаа повеќе од 50.000 луѓе.
Преживеаните, кои го осудија бавниот одговор на властите и испраќањето на спасувачките служби, сега живеат во различни делови на земјата, а многумина живеат во куќи со контејнери.
Ваквата ситуација предизвикува загриженост за регуларноста на изборните операции и за „состојбата на демократијата“ во Турција, предупреди Советот на Европа, кој ќе испрати 350 набљудувачи, покрај оние што партиите ги именуваа на 50.000 избирачки места.