Претседателските и парламентарните избори, според проценките на ДИК, ќе чинат околу 17 милиони евра.
Досега акредитирани се околу 1000 набљудувачи од ОБСЕ, 568 се меѓународни набљудувачи, а домашни 342 и 32 акредитирани новинари. Како што е објавено на веб страницата на ДИК, заклучно до 19 април, акредитирани се 342 домашни и 568 странски набљудувачи и преведувачи, од кои најбројни се од ОБСЕ/ОДИХР.
Амбасадите на Унгарија, Холандија, Албанија, Државната изборна комисија на Црна Гора и Централната на Косово, се дел од акредитираните странски набљудувачи на претстојните претседателски и парламентарни избори во Македонија.
На списокот се и претставници на Центарот за континуирани обуки во изборите од Молдавија, како и канцеларијата на Меѓународната фондација за изборни системи – ИФЕС во нашава земјава.
Мониторинг како и досега ќе врши и ОБСЕ/ОДИХР од каде што најавија дека за двојните избори ќе имаат 300 краткорочни и 20 долгорочни набљудувачи.
Изборите за шеф на државата ќе ги следат и 32 странски новинари, меѓу кои и од агенциите Ројтерс и Франс прес, како и бројни медими од соседните земји
Амбасадорката Џилиан Стирк од Канада,ќе ја предводи мисијата од 12 земји членки на ОБСЕ. 20 долгорочни набљудувачи ќе се распоредат во Македонија од 27 април во тимови по двајца – во Скопје ќе има два тима, а по еден во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Кочани, Куманово и Штип. Краткорочните 300, пак, ќе пристигнат пред изборите на 8 мај. Тие ќе ги набљудуваат избирачките места на денот на гласањето и пребројувањето и сумирањето на гласовите.
На мисијата на ОБСЕ ќе и се приклучат и набљудувачи од Парламентарното Собрание на Советот на Европа и од Европскиот парламент за двата избори дена, како и членови на Парламентарно собрание на ОБСЕ кои ќе дојдат само за вториот круг претседателски и за парламентарните избори на 8 мај.
ПССЕ испраќа 14 набљудувачи на претседателските избори во земјава. Делегација од 14 набљудувачи на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), предводена од Алфред Хер (Швајцарија, АЛДЕ), ќе ги следи претседателските избори на 24 мај.
Делегацијата ќе ги следи изборите заедно со набљудувачите од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), соопшти ПССЕ.
Набљудувачите на ПССЕ ќе се сретнат со кандидатите кои се натпреваруваат на изборите, со претседателот и членовите на Државната изборна комисија, како и со претставници на граѓанското општество и медиумите.Заедно со делегацијата, во Скопје доаѓа и експерт на Венецијанската комисија, кој ќе дава правна поддршка за време на посетата.
Од домашни организации, пак, акредитиран со 29 набљудувачи е Центарот за безбедносни истражувања.
Пријавувањето набљудувачи за претседателските избори заврши, додека за парламентарните ќе трае до 27 април.
Според Изборниот законик, мониторинг на изборите може да прават домашни здруженија и странски организации кои се регистрирани најмалку една година пред денот на изборите и во чии статути е вклучено начелото на заштита на човековите права. Право да набљудуваат имаат и претставници на странски земји.