Претседателот Пендаровски во Варшава одликуван со Орден на Белиот Орел, претседателот Дуда со Орден „8 Септември“

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска во Варшава, во рамки на неговата официјална посета на Република Полска, беше одликуван со највисокото полско одликување, Орден на Белиот Орел, како симбол на блиските дипломатски и политички релации меѓу двете држави и претседатели и потврда на македонско-полското пријателство и партнерство.

Со Орден „8 Септември“ претседателот Пендаровски, соопштија од неговиот кабинет, го одликуваше претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда за исклучителен придонес во негувањето и во развивањето на дипломатските односи меѓу Република Полска и Република Северна Македонија, за неговото посветено застапување и зајакнување на стратешките цели на Северна Македонија, со цел зачленување во Европската Унија и во НАТО, како и за продлабочувањето на пријателските релации и стратешки соработки помеѓу двете земји на социо-културен план, што придонесува за демократските процеси на нашата земја.
Шефот на државата Пендаровски престојува во дводневна официјална посета на Република Полска. Со државни и воени почести, изутрината во Варшава, беше пречекан од претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, по што се одржа тет-а-тет средба на двајцата претседатели и пленарен состанок на македонската и полската делегација.
Попладне, како што е најавено, Пендаровски ќе оствари средба и со премиерот на Република Полска, Матеуж Моравјецки, а заедно со претседателот Дуда ќе присуствува и ќе се обрати на средба со претставници на полските комори и бизниси и македонски претставници од бизнис секторот.