
Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски, избран за член на Високиот совет на Светската федерација на стопански комори
„Ова е значаен момент и гордост за нашата држава. Со овој чекор, Македонија добива право на глас во донесувањето на најважните одлуки на меѓународно ниво, а воедно и можност да го претстави својот претприемачки дух пред светот“, истакна претседателот Ангелоски.
Сојузот на стопански комори на Македонија ја информира јавноста дека претседателот Трајан Ангелоски учествува на 14-тиот Светски конгрес на стопански комори (14WCC), кој се одржува од 2 до 4 септември 2025 година во Мелбурн, Австралија, стои во соопштението на Сојузот на стопански комори на Македонија, кое МИА го пренесува интегрално.
Во рамки на овој значаен глобален настан, претседателот Ангелоски беше избран за член на WCF General Council – највисокото управно и одлучувачко тело на Светската федерација на стопански комори. Ова претставува исклучително признание и голема чест за Македонија, со што нашата земја добива свое место и глас во креирањето на клучните стратегии, политики и насоки за развој на стопанските комори и деловната заедница на светско ниво.
Конгресот во Мелбурн обединува водечки претставници од сите континенти, со цел унапредување на меѓународната соработка, создавање нови деловни можности и зајакнување на врските помеѓу стопанските комори и компаниите. Настанот беше свечено отворен од г. Пол Гвера, извршен директор на Victorian Chamber of Commerce & Industry и од градоначалникот на Мелбурн, Lord Mayor г. Николас Рис, кој ја поздрави меѓународната делегација и ја истакна важноста на Конгресот за глобалната бизнис заедница.
Членството на претседателот Ангелоски во WCF General Council е силна потврда дека Македонија се позиционира како активен и влијателен партнер во глобалните економски текови, обезбедувајќи нови можности за домашните компании и претприемачи.
„Ова е значаен момент и гордост за нашата држава. Со овој чекор, Македонија добива право на глас во донесувањето на најважните одлуки на меѓународно ниво, а воедно и можност да го претстави својот претприемачки дух пред светот“, истакна претседателот Ангелоски.