Претседателот на МАНУ смета дека премногу жртвувавме на патот кон ЕУ

Според Живко Попов Европскиот пат, сепак, е наша единствена права и реална опција бидејќи ние сме пред сѐ Европејци.

Македонија „битно ги подобри“ односите со САД откако стапи на власт новата администрација, порача претседателот на МАНУ Живко Попов во експозето на Редовното годишно собрание на Академијата.

Тој рече дека перспективата на евроинтеграциските процеси на државава е „комплетно блокирана со ирационалниот спор со нашите соседи“ и дека е „многу позитивно и не треба да се пренебрегне“ тоа што има „битно подобрување на нашите односи со американската администрација предводена од претседателот Трамп“.

„Тоа на поголемиот дел од македонскиот народ му влева надеж дека може да добие одредена поддршка во решавањето на билатералниот спор со Бугарија и во подобрувањето на релациите со Брисел. Република Македонија не може да биде поштедена од последиците на војната во Украина и таа мора да си го најде своето безбедно место во светот и за тоа сведочат дипломатските усилби на Владата, земјата да биде поддржана од повеќе стратешки партнери, што само може да ѝ донесе корист на државата. Во ваква ситуација мора да се реагира мудро и навремено. Европскиот пат, сепак, е наша единствена права и реална опција бидејќи ние сме пред сѐ Европејци, а исто така и Европската унија е свесна дека европскиот континент никогаш нема да биде комплетен без Западниот Балкан и затоа проширувањето на ЕУ повторно станува приоритет кој не смееме да го пропуштиме. ЕУ нам ни е потребна како високоразвиена економска и политичка заедница која може да ни помогне да ги достигнеме нејзините стандарди и вредности, рече претседателот на МАНУ.

Тој додаде дека европскиот пат на Западен Балкан „повторно е на испит и на раскрсница и покрај јасната волја и желба на речиси сите околни соседни држави“.

„Сега ветена година е 2030, и затоа потребни се реформи и покрај евроскептицизмот кој е во пораст поради неконзистентното однесување на ЕУ и честата дисонантност на Брисел и поедини европски престолнини, при што наспроти повеќедецениските подготовки и болни реформи на земјите од Западен Балкан, се нуди брз прием на Украина, Молдавија, Грузија и др. Работите на глобално ниво се менуваат од ден во ден, од час во час. Македонија е мала и сиромашна земја, поделена по повеќе основи и мора да реагира навремено, а истовремено да чува и одредена неутралност, од неа секако дека не зависат работите. Сметам дека премногу направивме, премногу жртвувавме и повеќе од тоа губи секаква смисла евроатлантскиот процес“, истакна Попов во експозето.