Претседателот на бугарската партија Движење за права и слободи (ДПС), Далјан Пеевски, смета дека доколку во Бугарија има соодветни државни институции и служби, вицепремиерот и министер за транспорт во македонската Влада, Александар Николоски веднаш треба да биде прогласен за персона нон грата во неговата земја.
Како што пренесуваат бугарските медиуми, според Пеевски, „тоа е најмалку што треба да се направи по систематското сеење омраза кон Бугарија и бугарскиот народ“.
– Дрскоста и ароганцијата во однос на Бугарија, нејзините демократски избрани институции, демонстрирана од проруската влада на Мицкоски е јасно одговор на категоричната евроатлантска позиција на нашата земја. Инсистираме на итни мерки како одговор на провокациите, кои треба да бидат конзистентни и категорични, изјавил Пеевски.
Лидерот на партијата оценува дека „проблемот веќе не може да се реши со едно формално извинување“.