
Претседателката Сиљановска денес нема да го соопшти името на идниот Гувернер на Народна банка
Претседателката Сиљановска Давкова вчера имала интервјуа со тројца кандидати, Законот дава можност да размисли уште неколку дена.
Денеска нема да се дознае кој ќе биде предлогот на претседателката Гордана Силјановска Давкова за нов кандидат за гувернер на НБМ, односно тој нема да биде доставен до Собранието, дознава Фактор од свои извори.
Според наши информации, претседателката вчера имала средби и разговори со тројца најсериозни кандидати, и ќе и бидат потребни уште неколку дена, врз основа на направените интервјуа, за најдобро да го изгради својот став во врска со тоа прашање, по што ќе го достави својот предлог за нов гувернер до народните избраници.
Ова значи дека на утрешната седница нема да се гласа за изборот на нов прв човек на НБМ, кој практично ќе раководи со монетарната власт во наредните седум години.
А, според Фактор, можноста претседателката да размисли уште малку на темата иден гувернер, се со цел да го направи најдобриот избор, и го дава Законот за Народна банка.
Според Законот за Народна банка, доколку не се изгласа предлогот доставен од претседателот на државата до Собранието, актуелниот гувернер продолжува со извршување на функцијата, се до изборот на новиот гувернер.
„Во смисла на член 55 став 3 од Законот за Народната банка, член на Советот на кој му истекол мандатот, до именување на нов член, ги има истите овластувања и ги извршува истите задачи утврдени со закон.Ова одредба се однесува и на гувернерот на Народната банка“, се вели во законскиот текст.
Оваа одредба е внесена во Законот за Народна банка во мај минатата година на препорака на ММФ, сè со цел, да се одржи континуитет во работењето на институцијата во случај да до истекот на мандатот не се избере нов гувернер.
Како најсериозни кандидати за позицијата, во јавноста се лиферуваат имињата на актуелната гувернерка Анита Ангеловска – Бежоска, екс министрите за финансии Зоран Ставревски и Трајко Славески, како и екс вицегувернерката Маја Кадиевска-Војновиќ.
Гувернерот се бира на предлог на претседателот на државата, во случајов тоа е претседателката Гордана Силјановска Давкова, а се избира во Собранието на Македонија, за што се потребни 61 глас, односно мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието на Македонија.
Гувернерот има основна задача да ја претставува НБМ, ги претставува монетарната и политиката на девизен курс, одлучува за издавање дозволи на финансиски институции, ги одзема дозволите, ги контролира банките и слично.