Претседателката на Грузија Саломе Зурабишвили соопшти дека разговарала со новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп и претседателот на Франција Емануел Макрон за октомвриските парламентарни избори во Грузија, кои, според неа и опозицијата, биле фалсификувани и претставуваат изборна измама.
„Длабока дискусија со претседателите Трамп и Макрон“, напиша Зурабишвили на „Икс“, споделувајќи фотографија од разговорот.
Таа беше во Париз по повод отворањето на катедралата „Нотр Дам“. Претседателката зборувала за „украдените избори“ и репресиите врз народот на Грузија, кои траат со недели.
Зурабишвили и опозицијата ја обвинуваат владејачката партија „Грузиски сон“ за растечки авторитаризам и антизападна политика, посебно откако властите одлучија да ги суспендираат преговорите со ЕУ за членство во Унијата на четири години.