„Настаните во Судскиот совет не се добар пример, а изјавите за политички влијанија треба соодветно да се образложат. Најдобар одговор на обидите за политичко влијание или каков било вид на влијание е личниот интегритет и доследното почитување на уставното начело на поделба на власта. Да се почитуваат препораките на меѓународниот фактор и да се престане со несоодветни толкувања и барање виновник за проблемите во Советот кај сите, освен кај оној што ги создал.“ – вели претседателката на Врховниот суд – Беса Адеми, во интервју за Порталб.мк, во врска со последните случувања во судството.
„Општиот впечаток е дека случувањата во Судскиот совет не се во насока на заложбите за независноста и угледот на судството, градењето на јавната доверба и со препораките во Извештаите на Европската Унија и на Стејт департментот. Според овие извештаи може да се констатира дали одредена институција е добар пример во своето работење. И по овие препораки кои се сосема јасни, прецизни и добронамерни мора континуирано да се постапува. Секое отстапување од укажувањата во релевантните меѓународни извештаи и препораки не може да се смета за добар пример, особено ако е во директна спротивност со етичките и со професионалните стандарди на однесување. Крајно време е сериозно да се сфатат овие укажувања и да се престане со непримерни релативизации, несоодветни толкувања и барање виновник за проблемите во Советот кај сите, освен кај оној што ги создал. Потребно е темелно и долгорочно решение бидејќи секоја импровизација ќе биде со краток рок. Едно од решенијата е донесување на итни и коренити законски измени, во кои ќе се опфатат сите аспекти: законодавниот, професионалниот, функционалниот и етичкиот“ смета Адеми.
За обвинувањата за политички влијанија, таа вели:
„Најдобар одговор на обидите за политички или било какви влијанија е личниот интегритет и доследното почитување на уставното начело на поделба на власта. И ова не смее да биде само флоскула или само декларативно искажан принцип на однесување. Не постои друг начин да се врати угледот на судството освен да се покаже дека судството е отпорно кон влијанија. Секое политичко калкулирање за сметка на донесување законити одлуки мора да повлече одговорност. Се наоѓаме во клучен период за државата и секој судија со цврсто изграден став за владеењето на правото мора на тој начин да покаже углед и авторитет. Но, мора да покаже и одговорност за правата и интересите на граѓаните и за иднината на државата“.
На прашање што треба да се направи за да се врати кредибилитетот во судството, Адеми вели:
„Реформите кои се бараат се реформи од нас самите. Приоритетно е да се работи според препораките на Европската унија и Стејт департментот. Клучен документ за кој верувам дека ќе даде огромен придонес за кредибилитетот на судството е новата Стратегија за реформи на правосудниот сектор во која се предвидуваат измени на повеќе закони кои значат подобрување на квалитетот на правдата и функционалноста на институциите. Ми влева надеж ентузијазмот на Работната група за подготовка на Стратегијата во која навистина се лоцирани сите слабости во правосудството“.