Во домот на двајца полициски службеници во скопски Сингелиќ вчера полицијата пронашла оружје. До претрес на нивниот дом дошло откако двете лица објавиле фотографии со оружје на социјалните мрежи. Од МВР информираат дека против лицата ќе следи соодветна кривична пријава.
– При претресот, извршен со судска наредба, во нивниот дом во село Сингелиќ, скопско, биле пронајдени една автоматска пушка, два пиштоли, 19 куршуми 9 мм, еден рап во кој има четири рамки за автоматска пушка, пет празни рамки за автоматска пушка, 125 куршуми калибар 7.62×39, пет куршуми непознат калибар, еден револвер, една празна рамка и шест празни рамки кои ги поседуваат без дозвола. Исто така, при претресот во домот и при преглед на возилото на еден од нив беше пронајдено и друго оружје и муниција кои ги поседуваат со дозвола, информираат од МВР.
Подоцна, исто така, со судска наредба, бил извршен и претрес во викенд куќа во село Стрима, општина Липково, каде претходно било утврдено дека е направена фотографијата и објавена на социјална мрежа, но во неа не биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривично дело.
– Со двајцата полициски службеници и нивниот родител, во присуство на адвокат, беа извршени службени разговори, по што беа извршени консултации со јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, соопштуваат од МВР.