Пресуда „Талир 2“ – шест години затвор за Груевски, условна казна за Божиновски!

Екс-премиерот Никола Груевски доби затворска казна од 6 години, а генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ – Кирил Божиновски помина со условна казна од две години за судксиот случај „Талир 2“.

„Виновни се затоа што обвинетиот Груевски, кој бил претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Божиновски, кој бил генерален секретар на партијата, незаконски прибавиле имот, односно објект, со вредност од 132 милиони денари“ рече во скопскиот Кривичен суд судијката Даниела Алексовска- Стојановска. Договорите склучени за изградба на овој објект целосно се поништуваат, а седиштето и имотната корист се конфискуваат.

Обвинетите се товареа за злоупотреба на службената положба, при што овозможиле правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје, да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

Застапници на обвинението беа обвинителите Ленче Ристоска и Љубомир Лапе.