Пресуда за пожарот во модуларната болница во Тетово

Основниот суд во Тетово денеска треба да ја изрече пресудата за пожарот во модуларната болница од септември 2021 година во кој загинаа 14 лица.

Обвинети во случајот се двајцата директори Флорин Бесими и Артан Етеми кои се гонат за тешки дела против општата сигурност, како и докторот Бобан Вучевски кој е обвинет за непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

За предизвикување општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, пак, како правно лице се гони и Клиничката болница Тетово.

На завршните зборови обвинителот Ханефи Амети посочи дека со изведените докази и сослушаните сведоци се докажало дека обвинетите ги сториле кривичните дела и побара судот да ги огласи за виновни.

Адвокатите на обвинетите, пак, побараа ослободителни пресуди бидејќи сметаат дека обвинителството не успеало да го докаже обвинението.

Причините за пожарот во модуларната болница ги испитуваше и специјален германски тим а според вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во болницата, настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен апарат за реанимација.