Преродба на Костадинов ќе му предложи на бугарскиот парламент да усвои декларација за изјавите на Николоски

Лидерот на крајно десничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, најави дека до Националното собрание на Бугарија ќе поднесе предлог-декларација со која се осудува, како што вели, заживувањето на говорот на омраза од официјално Скопје. Конкретно, се мисли на последните изјави на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кои наидоа на остри критики од официјална Софија.

„Кога сакате да бидете во заеднички европски дом, мора да ја почитувате политиката на овој заеднички европски дом. Еден од условите е да имате политика на добрососедство. Ние имаме договор за добрососедство и тој отворено се прекршува. Сфаќаме дека ова е политика на намерно барање провокации, која Скопје ја игра изненадувачки добро. Народното собрание треба да се изјасни умерено и дипломатски, без да навлегува во нивниот тон. Бидејќи Комисијата за надворешна политика не се состана, ќе поднесеме барање за вонредна седница на Народното собрание и ќе ја поднесеме декларацијата денеска“, изјави лидерот на Преродба, Костадин Костадинов, пренесе БНТ.

Според Костадинов, во декларацијата треба да пишува дека Бугарија мора да ги информира своите партнери во Европската Унија за тоа што се случува од другата страна на границата – дека има саботажа против пан европските политики и една од нив е Коридорот 8.

Ова се однесува на изјавите кои министерот Николоски ги даде во синоќешното издание на емисијата „Само интервју“ на Канал 5 оти проектот за изградба на пругата кон Бугарија е неизводлив.

Рече дека не е против изградба на пруга кон Бугарија, но нема да се гради по траса која е неизводлива, прескапа и на начин со обиди на корупција лично него и кон премиерот Христијан Мицкоски.

„Јас сакам позади себе да оставам проекти коишто ќе ги паметат генерации после нас. Не сакам позади себе да оставам проекти кои ќе останат недовршени. Подобро нема да правам нешто отколку да трошам народни пари за нешто што нема да се реализира. Ова нема никаква врска со односите помеѓу Македонија и Бугарија, но овој проект не е изводлив“, изјави Николоски.