Премиерот смета дека случајот со помилувањата е кукавичко јајце, од СДСМ велат: Комични изјави на Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека случајот со помилувањата дадени по повод 23 Октомври, кој предизвика превирања во јавноста, е оставен од претходната Влада кој имал токму за цел да имплодира во овој период.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека случајот со помилувањата дадени по повод 23 Октомври, кој предизвика превирања во јавноста, е оставен од претходната Влада кој имал токму за цел да имплодира во овој период. За едно од лицата кое беше повторно приведено, вели, да се остави на правосудните органи да си ја завршат работата.
– Тој случај е од минатото, од претходната Влада, снесен како кукавичко јајце, коешто треба да имплодира во овој период. Тоа што имаше да каже и Комисијата го слушаме по медиумите, луѓето кои се дел од таа Комисија се присутни на медиумите.
Добив информации од МВР дека едно од лицата кои беа предмет на измена на судска одлука е повторно приведено. Добив информација дека има уште неколку дела кои што се поврзани со ова лице. Нема да одам чекор понатаму да коментирам и да прејудицирам судски одлуки.
Јас сум човек легалист, верувам во пресумпција на невиност, но она кое што го знам е дека истото лице веќе доби 30-дневен притвор. Оставам на правосудните органи понатаму да одлучат како да постапуваат за други случаи каде што постои основано сомнение за сторен криминал – вели Мицкоски.
За Законот за јазиците кој во декември треба да се најде пред Уставниот суд, Мицкоски смета дека треба да се земе предвид мислењето на Венецијанската комисија и да се остави на Уставниот суд да одлучи.
– Не зборуваме за Законот за јазици туку за две-три одредби од Законот за коо претходно Венецијанската комисија даде негативен став и негативно мислење. Да бидеме уште попрецизни, станува збор за одредби во кои што имаме претпоставен случај каде судијата ќе биде од етничка припадност на заедницата која е над 20 отсто, во случајот албанската, а од другата страна обвинителот и странките ќе бидат од македонската или друга етничка заедница, и тогаш да имаме обраќање на својот мајчин јазик, односно во случајот албанскиот.
И тоа е така уште од поранешната федерација во која што составен дел беше тогашната Социјалистичка Република Македонија. Да сме прецизни, не станува збор за целиот Закон за јазици туку за овие две одредби. И Венецијанската Комисија вели ова не е применливо и затоа е добро да не биде во законот. Но Владата на Зоран Заев тогаш, инспирирана од Али Ахмети и Бујар Османи и останатите, одлучи да оди на сила, и знаете што се случуваше тогаш, кога Талат Џафери ги фрлаше амандманите итн, кога не ја слушаше Венецијанската комисија, која ќе ве потсетам, е услов согласно новата методологија во Преговарачката рамка, која што е лично побарана од претседателот Макрон. Сега, или сме за Европа или не сме – рече тој.
СДСМ: Комични изјави на Мицкоски за кукавичко јајце
Комичните изјави на Христијан Мицкоски во стилот „јас не сум од тука“ се показател дека власта е фатена жива како помолува нарко босови и не знае како да се извади за огромниот скандал, реагира СДСМ.
„Одлуката за помилување криминалци и нарко босови од кланот Барон е донесена и потпишана лично од претседателката Сиљановска Давкова, на предлог на Комисија којашто самата си ја избрала. По жестоките реакции на јавноста власта се загуби и не знае како да го покрие овој скандал па гледаме фарса и театрални потези.
Во стилот „не е знајала“, Силјановска прво се обиде да ја префрли вината на Комисија. Откако тоа не помина власта го уапси Акиф Равмановски обидувајќи се да го покрие скандалот со помилувањата и да ја намали штетата од катастрофалната одлука. Фарсата кулминираше денеска со комични изјави на Мицкоски за кукавичко јајце.
Нема бегање, се е јасно, ВМРО-ДПМНЕ-ЗНАМ и ВЛЕН е во дил со криминални структури. Наместо да се прави дека не е тука Мицкоски да одговори дали тој го нарача помилувањето? Кој ќе понесе одговорност за овој скандал?“, прашаа од СДСМ.