Премиерот на Косово: Барикадите на север нема да се толерираат уште долго

Косовскиот премиер Албин Курти вели дека патиштата на северот на Косово нема да можат да бидат блокирани уште долго и дека е во постојана комуникација со КФОР за овој проблем.

Во редовна, континуирана и интензивна комуникација сме со КФОР и очигледно е дека барикадите нема долго да се толерираат“, изјави вчера Курти, пишува „Кликс“.

Денеска е единаесетти ден на барикади на северот на Косово, додека минатиот викенд беше бурен. Ултрадесничарските групи протестираа во неделата од српска страна на преминот Јариње, а КФОР постави бодликава жица на косовската страна на преминот.

На северот на Косово, локалните Срби ги блокираат патиштата поради апсењето на нивниот сонародник и поранешен припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ. Тој е обвинет за учество во нападот во просториите на Централната изборна комисија на Косово во Северна Митровица на 6 декември.

На барикадите се претежно работници вработени во српските институции во Косово, најмногу од областа на здравството и образованието, пишува Кликс.

Косовскиот премиер вчера го коментираше барањето на Србија за испраќање војска на Косово, а се осврна и на протестите одржани во неделата на границата меѓу Косово и Србија. Курти вели дека барањето е нереално, а дестабилизацијата на Косово е единствената цел на протестот на границата.