Премиерот на Баварија бара предвремени избори во Германија
Премиерот на германската сојузна покраина Баварија и лидер на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), Маркус Содер повика на предвремени избори во Германија, откако трите партии од владејачката коалиција, Социјалдемократската партија (СПД), Партијата на зелените и Слободната демократска партија (ФДП), претрпеа големи загуби на вчерашните избори за Европскиот парламент, јавува Танјуг, повикувајќи се на Политико.
„Факт е дека коалициската влада е надгласана и Олаф Шолц мора да распише нови избори, како што направи францускиот претседател Емануел Макрон“, рече тој.
Содер го припиша силниот изборен настап на десничарската Алтернатива за Германија (АФД) на неодамнешното убиство на полицаец во Манхајм.
„Конечно, мора да има промена во политиката за азил во Германија за да се намали АФД и демократските партии повторно да добијат повеќе гласови“, рече шефот на Баварија.
Според првите прелиминарни резултати, во Германија конзервативната алијанса на Христијанско-демократската унија и Христијанско-социјалната унија (ЦДУ-ЦСУ) освоила најголем број гласови на изборите за Европскиот парламент – 29,5 отсто.
Екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) заврши на второто место со 16,5 отсто, што е за 5,5 отсто повеќе од 2019 година.
Социјалдемократската партија (СПД) на канцеларот Шолц го зазеде третото место со 14 отсто, а доколку се одржи резултатот, тоа ќе биде историски минимум за партијата.