Премиерот Ковачевски го пречека шпанскиот премиер Санчез со највисоки државни почести, на првата посета на Шпанија во Северна Македонија

Претседателот на Владата на Кралството Шпанија, Педро Санчез Перез-Кастехон попладнево пристигна во еднодневна официјална посета на нашата земја.

Шпанската владина делегација предводена премиерот Санчез беше пречекана со највисоки државни почести на платото пред Владата во присуство на премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерите за односи мешу заедниците Артан Груби и за европски прашања Бојан Маричиќ и министерките за одбрана Славјанка Петровска и за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и шпанскиот премиер Педро Санчез Перез-Кастехон, денеска остварија тет-а-тет средба на која уште еднаш беше потврдено силното пријателство помеѓу Кралството Шпанија и нашата земја, кое понатаму ќе се продлабочува.

На средбата беше истакнато дека Шпанија е докажан поддржувач на Република Северна Македонија во нејзините евроинтегративни процеси, што е од исклучително значење за нашиот пат кон европското семејство.

Во срдечна и пријателска атмосфера беше оценето дека двете земји кои се и НАТО сојузнички, веќе три децении градат одлични билатерални односи и дека ваквите заложби ќе продолжат и понатаму.

Во рамки на првата официјална посета на премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез Перез-Кастехон, делегациите од двете земји остварија и билатерална средба на која присуствуваа и првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.