Премиерката на Молдавија си поднесе оставка

Молдавската премиерка Наталија Гаврилита поднесе оставка една и пол година од мандатот на нејзината влада, што автоматски предизвика оставка на целиот кабинет и ја втурна земјата во политичка криза додека беснее војна во соседна Украина, пренесува молдавскиот сервис на РСЕ.

Гаврилица на прес-конференцијата изјавила дека дошло време да поднесе оставка. Таа додаде дека никој не очекувал дека нејзината влада, избрана во летото 2021 година, „ќе мора да управува со толку многу кризи предизвикани од руската агресија во Украина“.

Оставката доаѓа во услови кога земјата се соочува со енергетски, економски и безбедносни кризи предизвикани од руската инвазија врз Украина.

„И покрај предизвиците без преседан, со земјата се управуваше одговорно, со многу внимание и посветена работа. Имаме стабилност, мир и развој таму каде што другите сакаа војна и банкрот“, рече претседателката Маја Санду во објава на Фејсбук каде што пишува дека ја прифатила оставката.

Санду рече дека ќе одржи консултации со парламентарните фракции на партиите во парламентот, и потоа ќе номинира кандидат за функцијата премиер на Република Молдавија.