Украинскиот претседател Зеленски посетата на премиерите на Полска, Чешка и Словенија кои пристигнаа во Киев ја протолкува како силен гест на поддршка.
Тој ги информираше лидерите на овие земји за актуелните настани во војната со Русија по инвазијата на неговата земја на 24. февруари.
Премиерите Матеуш Моравјецки, Петер Фиала и Јанез Јанша, кои во главниот град на Украина пристигнаа со воз, се првите странски лидери кои го посетија Киев од почетокот на руската инвазија.
„Вашата посета на Киев во овој тежок момент е силен знак за поддршка на Украина. Ние навистина го почитуваме тоа“ – наведе Зеленски.
Инсертите од неговата канцеларија покажуваат како Зеленски разговара со Моравјецки, Фиала и Јанша, а на разговорите е присутен и полскиот вицепремиер – Јарослав Качински.
„Овде во разорениот Киев се создава историја. Овде слободата се бори против светот на тиранијата. Овде иднината на сите нас виси на конец. ЕУ ја поддржува Украина, која може да смета на помошта од своите пријатели, оваа порака денеска ја донесовме во Киев“ – напиша Моравјецки на Твитер.
„Целта на посетата е јасно да се покаже поддршката на Европската унија за Украина и нејзината слобода и независност“ – напиша чешкиот премиер Фиала на Твитер.