Премиера на претставата „Која е Лорет“ во Театарот за деца и младинци – Скопје

Во Театарот за деца и младинци во Скопје вечерва ќе се одржи премиерата на претставата „Која е Лорет“, наменета за публика на возраст од шест години нагоре.

Во Театарот за деца и младинци во Скопје вечерва ќе се одржи премиерата на претставата „Која е Лорет“, наменета за публика на возраст од шест години нагоре.

Претставата го истражува прашањето на идентитетот и припадноста, поттикнувајќи ја публиката да ги препознае и прифати различностите. Во центарот на приказната е Лорет – девојче со Даунов синдром, претставено преку сите улоги што ги живее: ќерка, сестра, ученичка, пријателка, актерка, режисерка и сликарка.

Автор на текстот е француската писателка Флоранс Кадије, режијата ја потпишува Драгана Милошевски-Попова, а драматизацијата Милена Деполо. Сценографијата, куклите и костимите се дело на Ирина Сомборац, музиката на Сашко Костов, а асистент на режија е Драгана Таневски.

Во претставата настапуваат Ана Левајковиќ-Бошков, Мики Анчевски, Винета Дамческа-Мојаноска, Петар Стојанов, Анастасија Ласовска и Вања Стојановиќ.

Премиерата е дел од програмата на Театарот за деца и младинци – Скопје, кој годинава одбележува 35 години постоење. Со оваа претстава се заокружува репертоарот за 2025 година, во која институцијата реализираше повеќе нови продукции и активности, меѓу кои и Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“.