
Во Театар Комедија на 12 декември, со почеток во 20 часот, премиерно ќе се изведе претставата „Демнејќи го Годо“ по текст на словенечкиот писател Драго Јанчар, а во режија на Сибел Авдиу.
-Драмата „Демнејќи го Годо“ првпат е поставена во сезоната 1988/89 година, на сцената на Словенечкиот народен театар во Љубљана. Настанувањето на текстот на крајот на 90-тите години од минатиот век, ги рефлектира општествените промени во поранешната држава и на некој начин ги антиципира случувањата што ќе резултираат со крвав пир како крајна форма на апсурдот. Во оригиналниот текст на Јанчар, двата лика со индикативни имиња Франц и Јозеф, се некакви агенти чијашто мисија е да го демнат отсутниот Годо, а крајната цел е да ги уништат годоистите, следбениците на оваа идолизирана претстава (чиешто суштествување е сомнително и недокажано). Во македонската адаптација, двата лика се, всушност, удвоени и постојат и како женски верзии, посочуваат од Театар Комедија.
Улогите ги толкуваат Жаклина Стевковска-Дрнасин, Едмонд Сотир, Кристина Ласовска, Селпин Ќерим и Џенап Самет, сценографијата ја изработи Луиџи Бејта, костимите се дело на костимографката Ивана Каранфиловска, а кореограф на претставата е Александра Кочовска- Начева. Станува збор за прва копродукциска соработка помеѓу Театар Комедија и Турскиот театар од Скопје на која се работеше речиси три месеци.
Драго Јанчар (1948) е светски познат словенечки романсиер, драмски писател и есеист. Тој е еден од најпреведуваните и најнаградуваните словенечки книжевници. Голем број дела на Јанчар се приопштени и на македонски јазик, а меѓу нив се: романите „Таа ноќ ја видов“, „И љубовта“, „Зуење во главата“, „Посакување за потсмев“, расказите „Џојсовиот ученик“, драмите „Тивко се ниша часовникот“ и други. Во драмите на Драго Јанчар основата е критичко, сатирично или алегориско прикажување на реалните настани и конкретната стварност, и загрозеноста на поединецот од насилството на власта.
Со „Демнејќи го Годо“, Јанчар ќе се претстави третпат пред македонската театарска публика, откако претходно, во 1986 и во 1990 година, во Македонскиот народен театар во Скопје и Народниот театар во Прилеп беше поставен текстот „Големиот брилијантен валцер“.