Премиера на музичкиот проект „Премин 25“ во Битола

Проектот „Премин 25“ е во организација на КИЦ - Битола, поддржан од Центарот за култура, Народниот театар - Битола и Општина Битола. Концертот почнува во 20 часот, а влезот е бесплатен.

Културно-информативен центар (КИЦ) – Битола вечерва во големата сала на Центарот за култура ќе го промовира музичкиот проект „Премин 25“ на Горан Трајкоски, во режија на Дејан Пројковски.

Во новиот музички проект на Трајкоски, освен авторот, учествуваат битолскиот Камерен оркестар под водство на диригентот Владимир Димовски и вокалните солисти Тања Царовска, Ана Митоска и Петар Христов.

– Вечер во Битола ќе се одржи настан што нема да биде само концерт, туку сценски чин што зборува со тишина со музика, со гласови, со движење. „Премин 25“ не е само алузија на празничен момент. Тоа е лична и колективна метафора за минување, трансформација, созревање. Носител на проектот е Горан Трајкоски, звукот на македонскиот немир, автентична креативна фигура што негува длабока експресија низ жанрови што не се ставаат во ниту еден калап, а режисер Дејан Пројковски, за кого сцената станува простор, каде музиката добива форма, светлина и здив, најавија од КИЦ – Битола.

Проектот „Премин 25“ е во организација на КИЦ – Битола, поддржан од Центарот за култура, Народниот театар – Битола и Општина Битола. Концертот почнува во 20 часот, а влезот е бесплатен.