Премиера на „Кајмак“ истовремено во цела Македонија

Наместо да суди публиката за ликовите, треба да сочувствува со нив, иако тие во исто време се и жртви и душмани, вели најнаградуваниот македонски режисер Милчо Манчевски пред македонската премиера на неговиот седми филм „Кајмак“ на 16 ноември.

„Кајмак“ имаше извонредна светска премиера на 26 октомври на Филмскиот фестивал во Токио, премиерата во Скопје е во Филхармонијата, а веќе од 17 ноември ќе игра во 30 градови во земјава. Во Скопје од 17 ноември филмот ќе игра во кината на Синеплекс и Милениум.

„Направивме напор да го прикажеме филмот во секоe кино каде има техничка можност за прикажување“, вели продуцентот Јане Ќортошев, а режисерот додава: „Филмот треба да го видат граѓаните, снимен е со нивни пари и наша должност е да го прикажеме“.

На денешната прес-конференција со Манчевски, Ќортошев беа и актерите Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Александар Микиќ и Камка Тоциновски, од кои најголем дел веќе имаат работено со него.

ПРЕПОЛНА САЛА И АПЛАУЗИ ЗА „КАЈМАК“ НА МАНЧЕВСКИ НА СВЕТСКАТА ПРЕМИЕРА ВО ТОКИО
САКАМ ДА ЗНАМ СÈ ЗА МАКЕДОНИЈА И ДА ПРОБАМ КАЈМАК – РЕАКЦИИ ВО ТОКИО ЗА ФИЛМОТ НА МАНЧЕВСКИ

Манчевски вели дека „Кајмак“ е љубовна приказна за возрасни, црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода.

„Комшијата е најважната институција во една малограѓанска средина. Но, секое добро уметничко дело те кани да го ѕирнеш светот со поинакви очи. „Кајмак“ ја кани публиката да не суди, туку да сочувствува со ликовите – а сите тие се во исто време и жртви и душмани“, рече Манчевски.

„Кајмак“ е снимен по сценариото на Манчевски, и говорејќи за тоа, тој кажа дека кога го пишува сценариото, не му дава на режисерот да влезе во собата.

„Дури откако ќе ја завршам книгата, почнувам со Милка Анчевска да работам на кастингот. Тоа го правам за да не се случи практичните попреки да влијаат на сценариото, од типот на ‘Ова не може да се сними и слично’“, рече режисерот.

Климоска и Стојановска споделија за одличниот прием во Токио и Тајпеј, дека иако не се дозволени реакции за време на филмската проекција, забележале дека публиката се смее на време на некои сцени.

„Искуството во Токио беше фузија на ултрамодерно и традиционално. Црвениот килим беше посебно искуство, зборуваме за култура на ред и хармонија. Филмот им се допадна многу на Јапонците, а и на нас. Импресиите од разговорите со публиката беа дека филмот ги насмеал, расплакал и ги замислил, интересно беше дека не следеа по проекцијата, не само на фестивалот, туку и на улица за да земат автограми од нас“, велат Климоска и Стојановска.

Микиќ, кој го игра ликот на Карамба, кажа дека воопшто не му било тешко да го создаде ликот, бидејќи е секој ќе се препознае, и „крадел“ по некоја карактерна особина од луѓе кои ги познава.