Денеска од 20 часот на националната МТВ премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „1000 години – Сведок на светлината“ во режија на Илија Ико Каров.
Филмот е посветен на Бигорскиот манастир, по повод големиот јубилеј на манастирот, а во кој се доловува духовниот монашки континуитет низ вековите.
Во 2020 година Бигорската Обител го прослави своето илјадалетие – 1.000 години од нејзиното основање во 1020 година од страна на ктиторот, Архиепископот Јован Охридски Дебранин.
„Според благословот и идеите на нашиот Старец и Игумен на Бигорската Обител, Епископот Антаниски г. Партениј, оваа ретка годишнина беше достоинствено одбележана со низа литургиски и културни прослави и собитија. Заедно со сите тие, беше предвидено и снимање на документарен филм, со што илјадагодишната историја би се претставила и на платното на „седмата уметност“. Меѓутоа, со оглед на тоа што изминативе години владееја вонредни околности поради пандемијата во светот, реализацијата на филмот малку се оддолжи. Сепак, по Божја промисла, тој излегува во право време, како заокружување и запечатување на настаните поврзани со одбележувањето на Бигорското илјадалетие“ – велат монасите Ефимија и Кирил.
Тие појаснуваат дека главната идеја за содржината на документарецот е осмислена од страна на Епископот Партениј, а се состои од два основни дела: историографски, во кого ќе се презентира бигорското минато преку освртот кон најзначајните познати личности поврзани со него; и вториот дел, насочен кон поновата историја и кон сегашноста, каде ќе се говори за современата дејност на Манастирот, за животот на Братството и за неговата мисија, презентирани преку годишниот богослужбен циклус.
„И монаштвото и уметноста го бараат таинственото – вдахновението и убавината коишто се кријат зад видливите нешта. „Сè е некаде на друго место“ – вели еден писател. Во голема мера тоа е точно. Па така, таинството на монаштвото не е ништо друго освен несфатливото и мистично дејство на Божјата благодат. Нашиот Старец често пати повторува дека „монаштвото е една од најголемите свети тајни во Црквата, бидејќи во него, на таинствен и за човечкиот ум неразбирлив начин, дејствува Самиот Господ Исус Христос, врховната Добрина и Убавина“. Ова Таинство „го ловат“ не само монасите, ами и сите богољубиви и богобарателни души. Следствено, не е тешко да се направи спој меѓу погледите и интересите на различните истражувачи на убавото и доброто“ – велат Ефимија и Кирил.