Од денеска ќе стапи на сила прекинот на огнот за неколку украински градови за евакуација на цивили преку хуманитарни коридори, јавуваат руските власти.
„Руската Федерација објавува прекин на огнот во 10 часот (по московско време) на 8 март“, за евакуација на цивили од Киев, како и од други градови.
„Станува збор за градовите Суми, Харков, Чернихив и Мариупол“ – се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана задолжено за хуманитарните операции во Украина.
Третата рунда руско-украински разговори заврши синоќа во Белорусија, а Украинците изјавија дека се постигнати „позитивни резултати“ за хуманитарните коридори, а Русите рекоа дека „можело да се направи повеќе“.
„Постигнавме одредени позитивни резултати во логистиката за хуманитарни коридори“ – објави на Твитер Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател и член на преговарачката делегација.
Москва вчера соопшти дека хуманитарните коридори ќе одат кон Белорусија или Русија, што Украина го опиша како „целосно неморално“.