Пред промената на власта во 2017, Божиновска направила долг кон МЕПСО од речиси милион евра
Временскиот период кога компанијата на министерката за енергетика Сања Божиновска, „ЕНГ сервис трејд ДОО Скопје “ направила долг од речиси еден милион евра, а не го платила, е за првите три месеци од 2017 година, кога на власт е сѐ уште ВМРО-ДПМНЕ. Промената на власта дојде на почетокот на јуни 2017 година кога СДСМ на чело со Зоран Заев формираше влада, а суспензијата на фирмата на Божиновска од пазарот со електрична енергија се случи во септември 2017, пишува „Рацин“.
Од МЕПСО за медумот не доставиле информација колкав е долгот на компанијата на Божиновска и до каде е наплатата, но пред два дена признале дека оваа компанија има долг.
-Согласно законските и подзаконските акти кои се на располагање за наплата на заостанатите обврски, активирана е банкарска гаранција депонирана од „ЕНГ Сервис Трејд“, а доспеаните и неплатени фактури се директно дадени на извршување кај надлежен извршител, соопштија од МЕПСО за ТВ24.
Во септември 2017 година, МЕПСО објави дека вкупниот долг кон нив како државна компанија за таа година изнесува 57 милиони денари или 926.829 евра.
Од него, најголемиот дел бил направен во првите три месеци од 2017 година, а 70 насто отпаѓал на компанијата „ЕНГ сервис Трејд“, чиј основач и еден од управителите била токму Божиновска.