На седницата на Судскиот совет откако синот беше избран за судија кривичар во Скопје, членката Весна Дамева рече дека ѝ е мило што до Наке Георгиев допрел нејзиниот и ставот не некои нејзини колеги дека ако не поднесе оставка ќе го прекршат законот, објави 360 степени.
Синот Кирил Георгиев беше еден од 25-темина нови судии кои на денешната седница беа избрани по отворените огласи за основни судови во неколку градови во земјава. Тој, заедно со уште шестмина други кандидати, беше избран за судија во Основниот кривичен суд Скопје
Судијата од Врховен суд Наке Георгиев денеска си поднесе оставка од член на Судскиот совет непосредно пред да даде заклетва во Собранието и со тоа го отвори патот неговиот син, Кирил, да биде избран за судија.
Тој беше избран со само шест гласа „за“ (сосе неговиот) од редовите на врховните судии на избори што се одржаа на 13 јули, а за денеска во 9:30 часот беше закажано заедно со судијката Антоанета Димовска која беше избрана за членка на Судскиот совет од скопското апелационо подрачје, да даде заклетва во Собранието. Меѓутоа, тој поднесе оставка, па давањето заклетва од страна на Димовска се презакажа за попладне.
Додека Наке Георгиев не дочека да учествува на седница на Судскиот совет, неговите „несудени“ колеги од ова тело неколку часа по оставката избраа 25 нови судии, меѓу кои и неговиот син Кирил Георгиев.
Како еден од кандидати од последната генерација што ја заврши Академијата за судии и јавни обвинители, синот Георгиев конкурираше за судија во Основниот кривичен суд Скопје, а денешниот избор во Судскиот совет и за него и за останатите нови судии беше едногласен со 11 гласа „за“.
Доколку таткото не си поднесеше оставка од член на Судскиот совет, тогаш синот немаше да може да биде избран или евентуалниот избор би бил противзаконски бидејќи Законот за судови предвидува дека за судија или поротник не може да бие избрано лице кое со член на советот е во сродство во права линија или страничка до трет степен.
На седницата на Судскиот совет откако синот беше избран за судија кривичар во Скопје, членката Весна Дамева рече дека ѝ е мило што до Наке Георгиев допрел нејзиниот и ставот не некои нејзини колеги дека ако не поднесе оставка ќе го прекршат законот. Дамева јавно му се заблагодари што „нашол за доблест да го не вовлекува Судскиот совет во какви било поинакви размислувања понатаму“.
Инаку, претходниот избор на Наке Георгиев за член на Судскиот совет беше проследен со контроверзии. Имено, против него се водеше постапка за утврдување одговорност во периодот кога тој беше претседател на Апелацискиот суд во Штип. Меѓутоа, еден ден пред да биде утврдена листата на кандидати за членови на Судскиот совет, на затворен дел од седница Советот реши да ја запре постапката против Георгиев откако предметот за него беше држен во фиока неколку месеци. За истиот случај за кој се водеше постапка против овој судија за периодот кога тој беше на чело на штипска Апелација, пак, претходно беа разрешени тројца судии.