
Предложените измени на Законот за полиција воведуваат јасни критериуми за унапредување, вели Тошковски
Министерот за внатрешни работи на социјалните мрежи реагираше на обвинувањата на СДСМ од каде посочија дека Тошковски со новите измени на Законот за полиција сака да направи „партиска милиција“.
Предложените измени на Законот за полиција не отвораат простор за партиски кадрирања, туку напротив – за првпат се воспоставуваат објективни и проверливи механизми за професионален развој и селекција во Министерството за внатрешни работи – вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, откако опозициската СДСМ денеска обвини дека со законот се „отвора врата за политички унапредувања“.
Министерот на социјалните мрежи напиша дека опозицијата пласира лажни тврдења и политички инсинуации без притоа да ја познаваат суштината на предложените решенија.
„Станува збор за тенденциозно извртување на фактите со цел политичко профитирање, без елементарно познавање на суштината и логиката на законските решенија“, вели Тошковски.
Едно од клучните недоразбирања, според Тошковски е тврдењето дека со законот ќе можат да се назначуваат началници без претходен стаж. Министерството појаснува дека член 63 од Предлог-законот експлицитно пропишува дека лице без стаж може да биде распоредено само на најниска позиција – „помлад извршител“. Дури и ако кандидатот има претходно работно искуство во друга област, важи истиот принцип – се почнува од основата.
Со новиот систем, како што кажа, постојат само пет нивоа на „извршители“, со ограничување во напредувањето: најмногу две позиции нагоре, што е построго од важечкиот закон со три нивоа. Дополнително, се предвидува „Листа на сродни области“, со која, се гарантира транспарентна и правична мобилност во рамки на институцијата.
„Она што е особено важно е фактот дека за првпат за да се унапреди некое лице во категоријата „раководни работници“, мора задолжително да има завршена обука и положен тест за раководење, услов пропишан во член 104 од Предлог-законот. Овој тест е со елиминаторен карактер и ќе овозможи вистинска селекција според капацитет, а не според политичка волја“, вели министерот.