Предлог за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски е доставен до Собранието, но се уште не е утврдено кога предлогот ќе се најде на дневен ред пред пратениците.
Пред два дена, портпаролката на Владата Марија Митева рече дека со предлогот за разрешување на Коцевски од функцијата, Владата ја продолжува постапката која согласно законските ограничувања била привремено стопирана за време на изборниот период.
-Причините за оваа иницијатива се јавни познати, и Владата досега повеќепати ги има образложено, доследно, транспарентно и во интерес на заштита на институционалниот интегритет и одговорност. Нашата цел останува недвосмислена – јакнење на правната држава и обезбедување непречено функционирање на органите на прогон во служба на граѓаните, рече Митева.
Предлогот до Собранието за разрешување на Коцевски од функцијата, рече, е врз основа на член 88 став 1 од Законот за Јавно обвинителство, а по претходно добиено мислење од страна на Советот за јавни обвинители, но нивното мислење беше против разрешување.
-Согласно законот, важечкиот закон, јас треба да сторам тешка дисциплинска повреда. Советот на јавни обвинители констатираше дека од моја страна не е сторена тешка дисциплинска повреда, понатаму постапката е – оди предлогот до Влада, односно Владата може да го достави до Собранието, тоа не е моја надлежност, изјави државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Разрешувањето на Коцевски се најде и во извештајот на Европската комисија за владеењето на правото објавен во јули. Во Извештајот, за постапката е констатирано дека има недостатоци во законските норми за разрешување, но и ризик од политизација. И последниот извештај за напредокот на земјава нотираше дека надворешното и политичкото мешање во правосудството остануваат причина за сериозна загриженост. ЕУ забележа и дека засилената реториката на политичарите и владините функционери за преземање мерки против судиите и обвинителите претставуваат непримерно влијание или заплашување и ја поткопуваат независноста на судството.