
Предлог-законот на СДСМ за помош на настраданите во Кочани не доби поддршка
Предлогот за дополнување на дневниот ред со оваа точка, која од собраниската говорница ја образложи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, доби 18 гласа „за“, еден „воздржан“ и ниеден „против“, по што собранискиот спикер Африм Гаши констатира дека предлогот не е усвоен.
Законското решение предложено од опозицискиот СДСМ, кое се однесува за обезбедување помош на семејствата на настраданите и повредените во пожарот во Кочани, не ја доби потребната поддршка од пратениците за да се најде на дневниот ред на денешната собраниска седница.
Предлогот за дополнување на дневниот ред со оваа точка, која од собраниската говорница ја образложи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, доби 18 гласа „за“, еден „воздржан“ и ниеден „против“, по што собранискиот спикер Африм Гаши констатира дека предлогот не е усвоен.
По гласањето, Спасовски на прес-конференција во Собранието упати критики до владејачкото мнозинство бидејќи не ја поддржало предлог-точката, и покрај повикот на СДСМ да го дадат својот глас за законското решение со кое би им се помогнало на засегнатите од пожарот во Кочани.
„Сметаме денеска требаше да се најде на дневен ред еден ваков текст, којшто не е обичен законски текст, туку е морална, институционална и човечка обврска за сите нас. Овој предлог-закон произлезе од најголемата трагедија што се случи во поновата историја на државата каде што животот го загубија 62 лица, а над 200 беа повредени“, рече Спасовски на денешната прес-конференција во Собранието.
Појасни дека со законското решение се предвидувало обесштетување на семејствата кои загубиле член – по 80 000 евра во денарска противвредност, а оти помош била предвидена и за сите оние кои се здобиле со инвалидитет. Во законот било предвидено и добивање приоритетен пристап до здравствени услуги – за лекување, рехабилитација – при што услугите би биле покриени од државата, како во земјата така и во странство.