Предлог-законот за Судски совет влезе во владина процедура, информираат од Правда

Од Министерството посочуваат дека особено значајно е што Венецијанската комисија го препознала транспарентниот и инклузивен процес при изработка на предлог-законот преку јавни расправи, експертски консултации со вклучување на сите клучни чинители

Предлог-законот за Судски совет е во владина процедура и е прикачен на е-Влада, соопшти денеска Министерството за правда.

Велат дека Министерството за правда го добило и мислењето од Венецијанската комисија, кое е конструктивен и содржаен документ со јасни насоки и препораки, особено за деловите на кои како Министерство вложиле сериозен фокус.

-Тие забелешки веќе се разгледани. Особено значајно за нас е што Комисијата го препозна транспарентниот и инклузивен процес при изработката на законот – преку јавни расправи, експертски консултации и вклучување на сите клучни чинители. Тоа е потврда дека одиме во вистински правец и дека нашите реформи се усогласени со европските стандарди. Овој пристап директно придонесува за зајакнување на довербата во законодавниот процес и во правосудството во целина. Ова е клучен чекор за зајакнување на независноста и транспарентноста во судството, се наведува во соопштението.

Со законот, како што посочија од Министерството за правда, предвидени се клучни новини.

– Се предвидува јавност во постапката за разрешување на претседател/заменик на Советот, постапката мора секогаш да биде транспарентна. Прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“. Истакнати нови, појасни квалификации. Воведување јавна расправа за кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност. Зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите, како и унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на ЕУ, велат од Министерството за правда.

За првпат, како што посочуваат, ќе има објективно оценување на нивната работа, транспарентност во носењето одлуки и механизми за одговорност и на самите членови на Советот.

– Ова е клучна точка што ја нотираше и Оценската мисија на ЕУ – и сега директно одговараме на таа препорака, истакнуваат од Министерството за правда и изразуваат очекување Предлог Законот за Судски совет наскоро да биде усвоен во Собрание.