Денеска се одржа четвртата рунда разговори меѓу Украина и Русија, кои беа прекинати. Тие ќе продолжат утре, соопшти еден од украинските преговарачи – Михајло Подољак.
„Направена е техничка пауза во преговорите, до утре – за дополнителна работа во работните подгрупи и допрецизирање на поединечните дефиниции. Преговорите продолжуваат“ – изјави тој.
Украина уште и објави дека водела „тешки“ преговори со Русија за прекин на огнот, итно повлекување на војниците и безбедносни гаранции.
Двете страни навестија дека на повидок има некакви резултати од разговорите, по претходните рунди разговори, кои првенствено се фокусираа на прекин на огнот и доставување помош до опколените градови и евакуација на цивилите.
Украинската страна вели дека Русија сѐ уште има илузија дека насилството врз Украина е добра стратегија.
Русија, од друга страна пак, ја обвинува Украина дека ги користи цивилите како жив штит.