Прв пораз на Трамп на прелиминарните избори, Хејли убедливо победи во Вашингтон

Поранешната американска амбасадорка во ОН – Ники Хејли ја постигна првата победа над поранешниот американски претседател Доналд Трамп на републиканските претседателски прелиминарни избори во Вашингтон.

Хејли победи со 62,86 отсто од гласовите наспроти 33,22 отсто на Трамп, објави доцна синоќа Републиканската партија ДК.

Гласале вкупно 2.035 републиканци, пренесува Хина.

Хејли, која е поумерена од Трамп, сè уште се смета дека има мали шанси на крајот да го совлада поранешниот претседател за да ја обезбеди номинацијата на републиканците.

Трамп досега победи на сите првични избори, вклучувајќи ја и родната држава на Хејли, Јужна Каролина. Речиси е сигурно дека ќе му се спротивстави на претседателот Џозеф Бајден на претседателските избори во ноември.

Вашингтон е урбана област, со релативно висок процент на жители со високо образование, додека базите на Трамп се рурални области со помалку образовано население.